Украинскиот претседател Володимир Зеленски најави дека ќе се сретне со Доналд Трамп во Белата куќа во текот на неделава.
Изјавата доаѓа откако американскиот претседател навести дека би можел да му дозволи на Киев да добие ракети со долг дострел „Томахавк“ доколку Русија не ја прекине војната против Украина.
Во изјава за новинарите во Киев, Зеленски посочи дека ќе се сретне со Трамп во Вашингтон во петок. Најави дека ќе разговараат за воздушната одбрана на Украина и капацитетите за долг дострел. Прашан за ракетите „Томахавк“, Зеленски рече дека е рано да се споделуваат детали, додавајќи дека за тоа прашање треба да се разговара лично.
„Ја споделив нашата визија со претседателот Трамп, но некои работи не се за телефонски разговори, па затоа ќе се сретнеме“додаде Зеленски.
Белата куќа сè уште не потврди дали состанокот ќе се одржи.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера навести дека би можел да дозволи на Киев да му се испорачаат ракети со долг дострел „Томахавк“, ако Русија не ја заврши војната против Украина. Се работи за ракети кои имаат дострел од 2 500 километри и можат да погодат длабоко во Русија, вклучувајќи го и главниот град Москва.
Зеленски претходно изјави дека евентуалната испорака на американските крстосувачки ракети „Томахавк“ ќе биде насочена исклучиво кон воени цели во Русија, а не кон цивилни објекти.