Зеленски го посети фронтот во регионот Харков
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска го посети напредниот команден пункт на армијата во зоната Вовчанск, во североисточниот регион Харков.
Таа област е цел на руска офанзива од 10 мај, на која украинските сили даваат отпор.
-Денеска имав чест да им честитам на нашите борци од специјалните единици и да им доделам официјални одликувања, рече Зеленски во изјавата објавена на социјалните мрежи, додавајки дека е благодарен за нивната храброст и нивните херојски операции зад непријателските линии.
На 10 мај, руските сили отворија нов фронт со напад на регионот Харков од север. Тие се обидуваат да го освојат градот Вовчанск, кој сè уште е во центарот на жестоки борби и е тешко оштетен, според сликите направени од украинската војска од дрон.
Поради тој напад, Киев испрати засилување во секторот, во време кога Украина има огромна потреба од војници, поради големите загуби акумулирани за време на повеќе од две години војна од почетокот на руската инвазија.
Украинските сили во моментов го блокираат рускиот напредок во областа Вовчанск. Но, паралелно со таа офанзива, руските сили продолжуваат малку по малку да заземаат терен во источниот регион на Доњецк
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа