Рускиот напад врз украинските енергетски објекти во текот на ноќта покажува дека договорите за противвоздушна одбрана, постигнати со американскиот претседател Доналд Трамп во Давос оваа недела, мора целосно да се спроведат, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Зеленски и Трамп се сретнаа завчера на маргините на Светскиот економски форум во Давос, каде што разговараа за поддршката на воздушната одбрана на Украина. Притоа, не беа соопштени конкретни детали за договорите што биле постигнати на средбата.
Во меѓувреме, вчера во Абу Даби се одржа првата рунда преговори меѓу Русија, Украина и Соединетите Американски Држави. Според главниот украински преговарач Рустем Умеров, разговорите биле фокусирани „на условите за завршување на војната што ги постави Русија и на логичните следни чекори во процесот на преговори насочени кон достоинствен и траен мир“.

