Зеленски: Добар разговор со Ванс, но има уште многу работа
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека имал „добар разговор“ со американскиот потпретседател Џеј Ди Ванс, но додаде дека е неопходна дополнителна работа на планот за завршување на војната во Украина.
Двајцата лидери се сретнаа на маргините на Минхенската безбедносна конференција, каде што одржаа краток билатерален состанок.
По разговорот, Ванс изјави дека имале „неколку продуктивни дискусии“ и дека остануваат прашања што треба да се доработат.
Тој, сепак, избегна да одговори дали САД ќе водат преговори со рускиот претседател Владимир Путин без Украина.
– Важно е да почнеме да ги водиме неопходните разговори за затворање на ова прашање, изјави Ванс. – Тоа е сè што ќе кажам за сега, бидејќи сакам да ги зачувам можностите за нашите преговарачи и тимовите што работат на одговорно затворање на ова прашање, додаде тој.
Зеленски, пак, порача дека ова е само првиот од многуте состаноци.
– Имавме добар разговор денеска, наш прв, но не и последен. Треба повеќе да зборуваме, повеќе да работиме и да го подготвиме планот за тоа како да го запреме Путин, истакна украинскиот претседател.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа