Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека една недела би требало да биде доволна за белорускиот лидер Александар Лукашенко да ја повлече од земјата телекомуникациската и релејна опрема што Русија ја користи при нападите врз Украина, додавајќи дека Киев ќе преземе мерки доколку тоа не биде сторено.

Според Зеленски, во два белоруски региона што граничат со Украина се распоредени релејни станици за пренос на сигнали, кои руските сили ги користат за насочување на нападите врз украинските цивили.

-Која е смислата да се тврди дека тој (Лукашенко) не сака да учествува во војната? Нека ја повлече таа опрема, нека ја исклучи. Мислам дека една недела му е доволна за тоа – изјави Зеленски на прес-конференција во Киев.

-Ако тој не го направи тоа, ќе го направиме ние – додаде украинскиот претседател, без да наведе дополнителни детали.

Во последните месеци Зеленски повеќепати предупредува дека Русија планира уште подлабоко да го вовлече Минск во, како што ја нарекува, „својата војна против Украина“.

Руските сили ја користеа територијата на Белорусија за напади врз Украина уште од почетокот на инвазијата во февруари 2022 година

Exit mobile version