ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД денес, преку нашиот советник во Град Скопје, Марјан Калевски, поднесе Иницијатива за забрана на огномет на територија на Град Скопје. Со иницијативата се забранува употреба на експлозивни материи од физички и правни лица за прослави и забава – практика што со децении ги загрозува животната средина, како и здравјето и безбедноста и на луѓето и на животните.

„Огнометите ослободуваат огромни количини PM2.5 и PM10, токсични гасови (CO, SO₂, NOx), како и тешки метали како што се бариум, бакар, стронциум и олово, кои ги загадуваат почвата, воздухот и водата. Последиците директно ги погодуваат најранливите групи: деца, бремени жени, лица со астма, ХОББ и кардиоваскуларни заболувања. Научните студии покажуваат значителни скокови во загадувањето на воздухот и водата по огномети, со сериозни ефекти врз дивиот свет и луѓето.

Бучавата и интензивната светлина предизвикуваат тешки психолошки и сензорни реакции: анксиозност, панични напади, флешбекови кај лица со синдром на посттрауматски стрес, сензорен колапс кај лица со аутизам или сензорни нарушувања, како и ризик од епилептични напади кај лицата со фотосензитивна епилепсија. Овие последици се научно докажан сериозен ризик по здравјето.

Последиците врз животните се драматични. Околу 70–75% од домашните миленици доживуваат силен страв, тресење, паника, обиди за бегство и повреди, а кај дивите животни се документирани масовни угинувaња, особено кај птици. Кај животните огнометите предизвикуваат висок стрес, дезориентација, бегство и смрт.

Законот за заштита од експлозивни материи во член 36 веќе предвидува забрана за употреба без дозвола и стручно лице, но овој закон речиси никогаш не се почитува. Законот за Град Скопје во член 10 ја обврзува локалната власт да ги заштити воздухот, водата, почвата, природата воопшто и да спречува бучава. Забраната на огномети е неопходна и многу задоцнета мерка.

Огнометите значат нарушено здравје, покачено загадување, ризик од пожари и системско малтретирање на животните. Затоа многу градови во светот преминуваат на алтернативни визуелни форми на прослави кои не предизвикуваат штета.

Ги повикуваме сите советнички групи во Советот на Град Скопје да ја поддржат иницијативата. Да покажат дека здравјето на луѓето и на животните, на најранливите жители на Скопје, ни е на прво место на сите“, стои во реакцијата на Зелен Хуман Град испратена до медиумите.

Exit mobile version