Иницијативата „Зелен хуман град“ (ЗХГ) ја поздрави одлуката на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски да го откаже овогодинешниот огномет на централната новогодишна прослава во Скопје.
Според ЗХГ, оваа одлука е резултат на институционалниот притисок од нивниот советник Марјан Калевски, вонинституционалните јавни реакции и, најважно, ангажираноста на граѓаните кои испраќале мејлови до надлежните институции.
Иако потегот го сметаат за позитивен, од ЗХГ предупредуваат дека не смее ваква клучна материја да биде дискреционо право на еден градоначалник, бидејќи „денес овој градоначалник донел позитивна одлука, утре некој друг нема да донесе таква“.
Инсистираат на трајно решение:
„Инсистираме оваа високоризична материја да се нормира и законски да се забрани експлицитно и на отворен и на затворен простор.“
ЗХГ потсетува на своето барање Собранието што побрзо да усвои законски измени за целосна забрана на огнометот и пиротехниката.
Откажувањето на огнометот е оценет како мал, но значаен чекор кон подобрување на квалитетот на животот на најранливите граѓани, намалување на преголемото загадување на воздухот и животната средина, и етички чекор кон заштита на животните од енормен стрес и потенцијална смрт.
Во однос на несовесните граѓани кои користат пиротехника на своја рака, ЗХГ апелира и очекува Министерството за внатрешни работи да биде на висина на задачата, особено за време на дочекот на Новата година.

