Голем дефект во снабдувањето со електрична енергија во тунелот под Ла Манш предизвика целосен колапс во железничкиот сообраќај што ги поврзува Лондон, Париз, Брисел и Амстердам. Меѓународниот оператор „Еуростар“ упати итен апел до граѓаните воопшто да не доаѓаат на станиците и да ги одложат своите патувања.
Проблемот настанал поради дефект на надземниот далновод во 50-километарскиот подводен тунел. Ова предизвика серија откажувања на возови, а оние кои сè уште сообраќаат, бележат доцнења од неколку часа. Најкритично е на станицата „Сент Панкрас“ во Лондон, каде и покрај предупредувањата, се создадоа огромни толпи од луѓе кои чекаат информации за своите патувања.
Операторот веќе откажа повеќе од десет поаѓања на линијата Лондон-Париз, а се стравува дека листата дополнително ќе се прошири во текот на вечерта.

