Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, денес изврши увид во почетните градежни активности на првата фаза од реконструкцијата на локалниот пат од мост Драчево до ОХИС.
Овој значаен инфраструктурен зафат се реализира со средства обезбедени преку Унгарскиот кредит (Проекти фаза 2) од Владата на Република Македонија, а се изведува преку договор со Министерството за транспорт.
Трасата е со вкупна должина од 1.173 метри. По претходно извршеното сеопфатно чистење на децениските диви депонии кои се создавале по нејзината должина, почетните активности сега опфаќаат широк ископ и одвоз на земјен материјал. По ова, ќе следи вградување на дробен камен за целосна стабилизација на долниот и горниот строј на улицата пред нејзиното асфалтирање.
Проектот опфаќа изградба на коловоз со ширина од 5 метри, како и тротоари од двете страни на улицата со широчина од по 1,5 метри. Коловозот ќе биде зајакнат со два слоја асфалт. Вкупно, со овој проект ќе се вградат приближно 6.000 квадратни метри нова асфалтна површина и ќе се поплочат тротоари од 3.000 квадратни метри, со што трајно ќе се обезбеди квалитетно и функционално решение за сите учесници во сообраќајот.
- Денеска ги означуваме почетните активности од првата фаза на реконструкцијата на локалниот пат од мост Драчево до ОХИС. Ова е уште едно ветување кое го преточуваме во реалност, бидејќи нашите граѓани заслужуваат модерна, сигурна и инфраструктурно уредена општина. На оваа траса од 1.173 метри, го обновуваме коловозот кој ќе биде со ширина од 5 метри и градиме нови пешачки патеки од по 1,5 метри од двете страни. Со ова трајно обезбедуваме едно квалитетно и функционално решение за сите учесници во сообраќајот. Зад ваквите силни инвестициски циклуси стои одличната синергија со централната власт, и затоа упатувам искрена благодарност до Владата на Република Македонија и Министерството за транспорт, кои препознаа дека вложувањето во локалната инфраструктура е вистинско вложување во секојдневието и иднината на нашите жители – изјави градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.


