Воопшто е небитно дали насилникот е Македонец, Албанец, Турчин, Влав, Ром, Србин, Бошњак, Грк, Бугарин или било кој друг етникум. Законот важи за сите. Секој кој се огрешил и за кого има докази ќе одговара. Никогаш врз основа на етнички предзнак, туку врз основа на Уставот, законите и фактичка состојба заснована на докази. Така треба да функционира една нормална еврпоска држава и така функцинира сега, со оваа Влада, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски одговарајќи на пратенички прашања во Собранието.
Одговарајќи на прашања од пратеничката Рина Ајдари од Европскиот фронт, Тошковски упати остри критики до опозицијата за фокусот врз етничките теми и истакна дека Министерството за внатрешни работи (МВР) функционира исклучиво според Уставот, законите и неселективната примена на правдата.
– Навистина не можам да ве разберам. Цел живот, сета политичка кариера, зборувам како групација, не лично. Буквално се шлепате само на етнички прашања, а притоа, брутално говорите невистини – изјави Тошковски.
Во однос на последните инциденти во Тетово и однесувањето на навивачките групи, тој истакна дека МВР и Јавното обвинителство веќе преземаат соодветни процесни дејствија „против поголема група на македонски граѓани, навивачи, на едни и на други коишто предизвикале насилство“.
– Согласно информациите коишто ги имам, а во насока на вистината, без оглед дали станува збор за навивач на „Тетекс“ или на „Шкендија“, на „Вардар“ или на „Шкупи“, или на било кој друг клуб, без оглед дали станува збор, пак ќе повторам, за навивач, тотално е небитно пред Уставот и законот дали тој навивач е етнички Македонец, Албанец, Турчин, Влав, Ром, Србин, Бошњак или било кој друг етникум… Грк, Бугарин… небитно. Навивач сторил насилство, документиран, ќе одговара – изјави Тошковски.
Тој заклучи дека целта е изградба на нормална европска држава со граѓани кои ги почитуваат законите, додавајќи дека МВР ќе продолжи со чесна, посветена и неселективна работа.
– Знам дека ви е чудно. Нормално, кога ќе функционираш во пашалак 20 години, сега ви е проблем да ја прифатите реалноста дека е малку поинаку од тоа што за вас е тековен процес на функционирање. Ама ќе се навикнете. Со тек на времето ќе се навикнете. Зошто? Заради тоа што Европа заслужува европска Македонија, а Македонија заслужува нормални граѓани коишто ќе функционираат во рамки на едно со Устав, закон, врз основа на европски вредности дефинирано општество коешто го градиме, колку и да вас ви се допаѓа тоа или не – нагласи Тошковски.
Одговарајќи на пратеничко прашање во врска со застапеноста на етничките заедници во новоформираното средно полициско училиште, тој ги демантираше изнесените бројки од Ајдари, појаснувајќи дека иако при пријавувањето не се бара националност, дополнителните анализи покажале дека од 520 пријавени 31 апликант се Албанци, од кои 11 се примени.
– Вкупната бројка на пријавени е 31, а вие тврдите дека се 100. Факт е дека 11 е премал број и дека треба во иднина да работиме максимално да ги мотивираме сите етникуми во Македонија да бидат дел од средното полициско училиште. На Македонија ѝ се потребни и Македонци, и Албанци, и Срби, и Власи, и Турци, и Роми, и Бошњаци… од сите етникуми во рамки на сите институции, особено и во рамки на Министерството за внатрешни работи, и во иднина мора сите да се фокусираме на овој дел – изјави Тошковски.
Овде, нагласи министерот, може и вие да помогнете со ваше директно учество да помине Законот за правична застапеност, којшто го кочите, а со кој, како што рече, „сигурен сум дека ќе помогнете и директно“.
– Меѓутоа, суштината е дека вие со вашите партнери бевте 20 години на власт и ништо не направите за МВР и Средното полициско училиште. А вистината е дека оваа Влада на ВМРО-ДПМНЕ за само две години успеа да врати еден тотално девалоризиран процес, односно, после од 30 години, создадовме средно полициско училиште кое има за цел конечно после 30 години повторно да се врати и професијата полицаец – изјави Тошковски.
Нагласи дека секојдневните обиди за пласирање меѓуетнички тензии повеќе не минуваат кај граѓаните.
-Вие имате право да поставувате прашања како вие мислите дека треба да поставувате, тоа си е ваше право. Ама зошто не разбирате дека овој народ е мудар народ, овие граѓани се мудри граѓани и не ви веруваат веќе, не ви минуваат тезите за етнички, не знам, меѓуетнички и така натаму проблеми коишто цело време се обидувате да ги пласирате. Не ви минуваат, од година на година сè помалку и помалку ќе ви минуваат. Што ќе правите тогаш, не знам. Треба со спорт да се занимавате, изгледа, бидејќи со политика нема да ви оди многу-многу. Ама тоа си е ваша работа – изјави Тошкоски.


