Заменикот народен правобранител Андоновски во Киев се сретна со украинската колешка Сивитска
Заменикот народен правобранител, Јован Андоновски кој е во посета на Украина се сретна со својата украинска колешка Ирина Сивитска со која разговараше за клучните прашања на Украинците кои се наоѓаат во Северна Македонија.
Како што информираат од канцеларијата на Народниот правобранител, на средбата се разговарало за пристапот до здравствена заштита на Украинците кои се наоѓаат во нашата држава, пристапот до образование на украинските деца, како и пристапот до работни места за привремено раселените Украинци. Се отворија и уште неколку прашања поврзани со престојот на украинските државјани во земјава. Правобранителката Сивитска изрази благодарност и информираше за зголемениот обем на работа поврзан со прекршување на човекови права во областите во кои сѐ уште има воени активности.
Двајцата правобранители се договорија да останат во комуникација и будно да ги следат состојбите поврзани со масовното кршење на човекови права. Правобранителката Сивитска потенцираше дека масовните убиства во Буча и другите градови, Украина ги толкува како геноцид, како и дека Украина останува на барањето и останатите европски држави да ги класифицираат тие злосторства како геноцид.
Правобранителот Андоновски нагласи дека РС Македонија е пријател на украинскиот народ и дека ќе направи сѐ што е возможно за да се олесни нивниот престој во нашата држава.
По средбата во правобранителство, Андоновски имаше средби и во Јавното обвинителство со тројцата главни обвинители кои ги водат случаите против руските војници. Валериа Мелник, Емир Абдулаев и Оксана Димитриева го избрифираа правобранителот Андоновски за првите две пресуди против руските војници кои добија 11 и пол години затвор за воени злосторства. Обвинителите, како што стои во соопштението, брифираа дека постојат индиции за над 14.000 воени злосторства, а во моментов оформени случаи обвинителството има за 79 лица. Според нивните бројки, над 100.000 лица се присилно раселени само од градот Мариопул. Една од главните теми беше и состојбата со децата. Од почетокот на војната има 689 повредени деца, а 243 загинати од кои 20 отсто се под 7-годишна возраст, а 137 деца се водат за исчезнати. Обвинителите се осврнаа и на депортацијата на деца. Според нив, бројката надминала 1 000 присилно депортирани малолетници. Во моментов, обвинителството има оформено пет случаи за силување деца. Голема загриженост обвинителите изразија и за децата од Крим кои, според нив, веќе осум години се милитаризираат и обучуваат да се борат против сопствениот народ. Правобранителот Андоновски нагласи дека можат да побараат и меѓународна правна помош и праша дали ќе бараат оформување меѓународен трибунал за воени злосторства. Понуди и македонска правна експертиза во обелоденувањето на воените криминални дела. Обвинителите изразија благодарност и рекоа дека секоја помош е добредојдена, но до овој момент нивното обвинителство е единствено кое отвора вакви случаи.
По двете посети, правобранителот се упати во посета на киевските предградија Ирпин и Буча каде беше откриена масовната гробница со 300 тела. Секретарот на општината Дмитро Гапченко, му ја објасни состојбата во детали и го однесе на увид и на местото на кое беше направена масовната гробница и на улицата на која беа пронајдени најголем број од мртвите тела. Андоновски имаше прилика да слушне сведоштва од преживеаните жители на Буча, како и од медицинските лица кои со денови се бореле да спасат човечки животи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа