Заев: Западен Балкан не е одлучувачки, туку политички самит
Прашан за очекувањата од Самитот ЕУ-Западен Балкан, премиерот Заев рече дека очекува генерално да се зборува за Западен Балкан и додаде дека ова не е одлучувачки, туку политички самит посветен на земјите од Западен Балкан. Изјави дека ќе присуствуваат голем број претседатели, премиери, канцелари од сите земји членки на ЕУ.
-Словенија ни е голем пријател, отсекогаш ни била. Премиерот Јанша се залага многу да го врати позитивниот сигнал за проширувањето кон Западен Балкан. Верувам дека со соодветни формулации на реченици, со конкретни гестови, со сериозни одлуки ќе се испрати таа порака на проширување на ЕУ кон Западен Балкан и ќе биде недвосмислена, ќе биде чиста и јасна. Затоа што ова е обострано потребен процес. Да, нам ни треба затоа што сите земји од Западен Балкан нашата иднина ја гледаме во ЕУ, но и ЕУ знае дека и треба Западен Балкан. Ние сме дел од Европа, ние не сме само дел од европскиот континент, туку сме дел од Европа како политички систем, како организација и сл. и нашето место е токму таму, изјави Заев.
Потврдата, како што рече, ја имаме секојдневно, дали се работи за бегалска криза па заедно дејствуваме, дали се работи за енергетските проекти, за економските текови…
-Пораките мора да бидат чисти и верувам дека тоа ќе се случи в среда, на 6 октомври. Ќе биде дополнителна мотивација меѓу Бугарија и Северна Македонија навистина до крајот на годината да ја завршат оваа работа, ги затворат отворените теми и отворат едно ново поглавје на соработка, а тоа за нас значи европеизација во делот на совладување на поглавјата, кои верувам дека во 2022 година ќе бидат отворени, изјави Заев.
Прашан за изјавата на премиерот Јанев, Заев рече дека ова се решава билатерално и додаде дека ние разговараме билатералано за да го изнајдеме решението.
-Имаме позитивни поместувања, билатерални во разговорите и тоа е причината зошто верувам дека ќе се придвижиме кон решенија и верувам дека сите сме заморени, рече Заев. Додаде дека за време на кризата во споредба со лани трговијата меѓу нашата земја и Бугарија е порасната за 20 отсто.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа