Заев за „Двојник“: Не може да се обвинуваат премиерот и министерот оти спровеле успешни акции

На обвинувањата од опозицијата за негова и одговорност на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во аферата со издавањето пасоши во случајот „Двојник“, премиерот Зоран Заев возврати со одговор дека најголемите фалсификати се случувале во време на ВМРО-ДПМНЕ.

„Не може да се обвинува министер, премиер или слично заради тоа што спровеле успешни акции, посебно докажувајќи дека тие акции биле месеци на анализа, документирање, аргументирање за да бидат изведени пред суд. Кога во анализите ќе видите кога се случувало тоа, кога се правени ваквите најголеми фалсификати и криминали или со лажни матични броеви, ќе видите дека тоа е за време на режимот односно за времето на владеење на ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Заев.

Заев тврди дека знае со кои политичари се среќавал Седат Пекер, кој е еден од криминалците кој добил македонски пасош со лажен идентитет, но не гледа вина за тоа.

„Кога некој открива, осознава и активно процесуира криминал, тој треба да се награди а не да одговара. И тоа се вредностите секаде во светот, така и кај нас. Како што рече и Спасовски, оваа е неколку месечна акција која се работи со меѓународни партнери, за да се спречат ваквите постапки и да се казнат. Луѓето кои се извадени пред суд, се откриени. Дале преку 214 државјанства, со измислени матични броеви преку граѓанин од дома. Сето тоа што се случувало низ годините, децениите, на крајот има успешна завршница да не се повтори никогаш повеќе, а тоа е успешна акција на МВР.

Господинот кој го спомнавте е еден од тие кои добиле фалсификуван пасош, истовремено е осомничен за одредени дела во Турција. МВР го избрка како персона нон грата од државата по други видови на постапки. Секако тој што работел на нелегалното издавање на пасош е дел од самата постапка која е процесуирана пред правосудните органи. За тоа дали се гледале коалициски партнери или луѓе од мојата партија или слично, апсолутно никој не можел да знае дали некој е осомничен за нешто, дали некој заднински работел на некакви нелегални пасоши или слично. Апсолутно не гледам вина во тоа. Јас сум запознаен дури и кој од колегите, партиите партнери имале средба на негово барање низ чаршијата и на други места, но апсолутно не може да се каже дека некој има вина поради тоа зашто нормално е кога некој ќе побара средба и да ја закаже средба. Но институциите функционираат и го дадоа резултатот“, кажа Заев.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

08.04.2021 - 12:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа