Заев: Во август ќе ја составиме новата влада, Мицкоски е аутсајдер, ќе коалицираме со партии кои се за европски концепт

 

Процесот на преговори за формирање нов состав на владата ќе почне веднаш по илинденските празници. Бројките се јасни, СДСМ и коалицијата „Можеме“ на овие избори обезбедија најмногу пратенички места, кристално чисто е кој го има мандатот, вели во интервјуто за „А1он“, лидерот на СДСМ Зоран Заев.

За него, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се „аутсајдери“ и според него, тие на предвремените парламентарни избори покажале дека имаат сериозни проблеми и дека се „заробени од груевизмот“.

– За жал Мицкоски повторно покажа дека нема никаква ниту политичка култура, ниту пак има капацитет достоинствено да прими пораз. ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски на овие избори доживеаја јасен и недвосмислен пораз на фер и демократски изборен натпревар.

Исто како и за локалните и за претседателските избори, така и сега кукавички се сокри во белата палата. На овие избори дури немаше храброст вечерта да излезе на прес-конференција и да го каже ставот за изборниот ден. Тоа само зборува за неговиот демократски капацитет, за неговиот вредносен потенцијал, но и за неговата општа култура.

Мицкоски е аутсајдер, a ВМРО-ДПМНЕ и на овие избори покажа дека има сериозен проблем и дека е заробена од груевизмот.

Јас веќе реков, можам да разговарам само со оние кои недосвосмислено ќе потврдат и покажат дека ги напуштиле режимските политики, дека го поддржуваат патот напред по кој води СДСМ, оние кои се во исто време и за НАТО и ЕУ, и за економија и правда, и за едно задничко општество - кажа Заев.

Во однос на ниската излезност на граѓаните на изборите, Заев тврди дека за тоа има три причини: стравот од коронавирусот, времето на нивното одржување (сред лето) и црната кампања што ја водело ВМРО-ДПМНЕ.

Заев ветува дека во август ќе биде заокружи изборниот процес и ќе бидат ставени во функција новото Собрание и новата Влада, а наесен веќе ќе има целосно активни институции.

-Јас сум тука, дојдов на неколку дена во Струмица и на неколку места низ државата. Сметам дека ова намалување на интензитетот на партиска и политичка комуникација во јавност е добредојден за граѓаните, после интензивната изборна кампања.

Тоа што јас имам неколку слободни денови не значи дека партијата и Владата не функционираат или дека не следиме што се случува или дека не ги движиме процесите.

Процесот на конституирање на Собранието и формирањето на новата Влада ќе се случат во рамки на законските рокови, а тоа значи дека пред есента државта ќе има целосно функционални институции.

Имајте предвид дека се уште трае периодот на приговори до ДИК и жалби до Управен суд. После тоа следува верификација на мандатите на пратениците, конституирање на Собранието, после што претседателот има 10 дена да го додели мандатот, а мандатарот после тоа во рок од 20 треба да состави предлог за Влада.

Август ќе биде изразено активен политички месец кога Северна Македонија ќе го заокружи изборниот процес и ќе ги стави во функција новото Собрание и новата Влада - заклучи Заев.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

21.07.2020 - 14:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега