Заев повеќе не е премиер - сега течат уставните рокови за избор на нова влада

По четири и пол години на чело на Владата, Зоран Заев замина од премиерската функција. Неговата оставка вчера беше констатирана од страна на Собранието, а потоа беше испратено формално известување до претседателот на државата со што почнуваат да течат уставните рокови за избор на нова влада.

Според член 90 од Уставот, претседателот на државата е должен во рок од десет дена да го довери мандатот за состав на Влада на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието.

Претседателот на државата Стево Пендаровски очекува доверувањето на мандатот да се случи следната недела. Тој синоќа во интервју за Канал 5 телевизија изјави дека му е потребен уште допис од партијата која има мнозинство, за да може да го даде мандатот.

–  Ми треба уште еден допис, кому да го дадам мандат. Не можам да нагаѓам, морам да добијам допис од партија или партии кои треба да кажат ние имаме мнозинство и тој и тој е мандатар. Јас не можам да го дадам мандатот на СДСМ, морам да знам кому го давам како личност, конкретно на некој човек, рече Пендаровски.

Според контактите кои се во тек, шефот на државата очекува доверувањето на мандатот да се случи следниот вторник или среда.

– Според контактите на двата кабинети, мислам дека тоа ќе се случува во текот на следната недела, не само затоа што роковите течат, туку мислам дека некои нивни партиски процедури се најавуваат за понеделник навечер, на кои тоа ќе биде дефинирано и можеби следната среда или вторник, ќе можеме да влеземе во таква процедура – давање на мандатот на мандатарот, рече Пендаровски.

По добивањето на мандатот, новиот мандатар во рок од 20 дена ќе треба до Собранието да поднесе програма и да го предложи составот на владата, а новата влада се избера со мнозинство гласови од вкупниот број на пратеници.

За мандатар се очекува да биде предложен новиот лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, кој откако би го добил мандатот, би требало во првата половина на следниот месец да ги достави програмата и составот на новиот владин кабинет до Собранието.

24.12.2021 - 08:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега