Заев: Не ни треба вонредна состојба, за Владата да прогласи полициски час или карантин, Парламентот функционира

Состојбата со ширењето на коронавирусот во земјава е особено сериозна, а граѓените мора доследно да ги почитуваат мерките за заштита – носење маски, држење дистанца и да не се групираат. Само вчера се регистрирани 862 нови случаи на Ковид-19 и 14 починати. На територија на целата земја има 8587 активни случаи, а инфективните одделенија и мобилната болница се веќе исполнети и се ослободуваат други болници. И покрај ваквите состојби, државниот врв е на мислење дека нема потреба од вонредна состојба.

-Во  отсуство на вакцина и лек за Ковид – 19 нема друга алтернатива освен доследно почитување на заштитните протоколи, физичка дистанца, носење маски и драстично намален број на дружби и семејни собири. Направете го тоа за себе и за своите најблиски, апелираше до граѓаните претседателот на државата Стево Пендаровски по завршувањето на вчерашната седница на Советот за безбедност.

Актуелната ситуација со Ковид -19 и мерките за сузбивање на пандемијата беше единствената точка на седницата, на која присуствуваше и министерот за здравство Венко Филипче.

Шефот на државта Пендаровски истакна дека сме сведоци оти ситуацијата не се подобрува, а  секојдневно имаме голем број заболени, а бројот на оние чии што животи згаснаа поради Ковид-19 значително порасна.

– Не сакам да барам оправдување за секој потег на нашите власти кој е преземен во последните осум месеци, меѓутоа во однос на сетот на мерки кои нашите здравствени авторитети ги применуваат јасно е дека не постојат мерки кои се препорачани и од СЗО или се применуваат во некои други држави и даваат позитивни ефекти, а не се  применуваат кај нас, истакна Пендаровски.

Главнината на здравствените мерки е иста, појасни претседателот Пендаровски, разликата е само во нивото на нивно почитување од страна на граѓаните и нивото на имплементација на законите од страна на државните институции.

– Ниту во владата, ниту во Министерството, ниту во КЗБ не е собрано искуството во светот, така што секоја добронамерна и конструктивна критика за подобрување на нашиот национален државен одговор на пандемијата е добродојден. Кај министерството и во Владата во целина постои и мора да постои добра волја и подготвенсот сите корисни идеи и предлози да бидат прифатени, рече Пендаровски.

Лично не очекува оваа ситуација, како што истакна, да се користи за добивање на политички поени.

Претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче по состанокот истакнаа дека нема потреба од воведување нова вонредна состојба и оти досегашните мерки и препораки за заштита од Ковид-19 се во насока на максимална заштита на здравјето на граѓаните.

Шефот на државата рече дека за ова не било разговарано и оти вонредната состојба не е опција бидејќи нема сознанија и проценки дека доколку се прогласи, ќе се победи вирусот. Останува на мислењето дека вистинско место за дискусија за оваа тема треба да биде Парламентот.

– Тогаш немавме функционално Собрание, имавме техничка влада и обврската падна кај мене. Тогаш примарниот мотив да декларирам вонредна состојба беше Владата, во недостиг на функционално Собрание, да носи уредби со законска сила. Сега, имаме функционално Собрание кое може да носи закони, рече Пендаровски, појаснувајќи дека нема врска вонредната состојба со полицискиот час.

Сепак, вели, подготвен е доколку Владата побара како врховен командант на вооружените сили, да стави на располагање колку што е потребно припадници на Армијата како логистичка поддршка во борбата против пандемијата.

Ниту премиерот Заев не гледа потреба од прогласување вонредна состојба.

– Не ни треба вонредна состојба, за Владата да прогласи полициски час или карантин. Парламентот функционира. Мене ме плаши неотворената можност за онлајн работа на Парламентот затоа што како што имам информации, можеби не ми се точни, од конституирањето на Парламентот досега имаме повеќе од 10 проценти заразени или во самоизолација, рече Заев, додавајќи дека очекува мерките да ги дадат очекуваните резултати.

Ставот на министерот Филипче е дека рестрикцијата на движење нема да има никаков ефект.

– На почетокот на пандемијата постоеше мислење во државите дека рестрикцијата во движење ќе го сузбие вирусот, но тоа не се случи. Очигледно дека овој вирус има комплетно поинакви карактеристики од истата група на вируси. Сега, дефинитивно е јасно дека вирусот е тука и дека мора да се живее со него. Затоа се овие мерки што сега се воведуваат и во другите држави, а значат задолжително носење на маски, избегнување на групирање и нормално одвивање на сите животни процеси, изјави Филипче.

Претседателот на државата Стево Пендаровски по седницата на Советот за безбедност најави дека до крајот на годинава ќе се организира дебата и за аерозагадувањето, во присуство на сите членови на Советот за  безбедност, плус други лица надвор од постојаниот состав, бидејќи е неспорна релацијата, како што рече, меѓу аерозагадувањето и пандемијата. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

30.10.2020 - 08:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега