Заев најавува архитектонско чудо во Скопје

Во наредните 18 месеци се очекува да биде готов автомобилскиот висечки мост „Љубљанска“ што ќе ги поврзува улицата Скупи и булеварот Илинден. Мостот вреден шест милиони евра, ќе биде широк 24 метри и ќе има четири коловозни ленти, пешачки и велосипедски ленти од двете страни, а ќе значи нова врска и спојување на градот, граѓаните и нивна комуникација.

Иако го најавија како архитектонско чудо, властите денеска не објавија скица од проектот за јавноста да види како ќе изгледа мостот.

Како што најавија премиерот Зоран Заев, првиот заменик–премиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и градоначалникот на Карпош Стефан Богоев кои направија увид во почетокот на изградбата на мостот, се работи за капитален проект и архитектонско чудо кое има претензија да стане нов симбол на Скопје.

– Мостот „Љубљанска“ е прв висечки и ќе биде запамтен како архитектонско чудо. Ќе ја растовари и избалансира сообраќајната фреквенција, ќе овозможи брз пристап од скопската обиколница до Општина Карпош, поврзување на општините Ѓорче Петров, Бутел, Чаир и Шуто Оризари, ќе значи нова и подобра комуникација не само на Скопје, туку и на граѓаните – истакна премиерот Заев.

26.08.2021 - 13:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега