Заев и Бочварски: Вложуваме во инфраструктурни проекти за унапредување на условите за живот на граѓаните
„Рехабилитацијата на ваквите експресни регионални и локални патишта, кои изминативе години, како и годинава, се изведуваат очекуваме да го поттикнат економскиот развој. Секоја подобрена инфраструктура дали е тоа регионален или локален пат, дали е тоа вложување во канализациони мрежи и слично значат севкупно подобрување на животот на граѓаните, изјави претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев на увид на реконструкција на патниот правец Кривогаштани-Житоше, каде по речиси четврт век се изведуваат градежни активности.
На настанот, на кој присуствуваа и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, градоначалникот на Општина Крушево, Томе Христоски, градоначалникот на Општина Кривогаштани, Рубин Шефтероски, градоначалникот на Општина Долнени, Џемил Ќамили и директорот на Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта „Македонија пат“, Беким Мемеди, премиерот Заев истакна дека овој патен правец ги поврзува општините Кривогаштани и Долнени, но е од огромно значење за развој на целиот овој регион.
Премиерот Заев истакна дека изминатиов период на дело се гледа добрата соработка меѓу централната и локалната власт, при што Владата води грижа за развој на сите региони со цел граѓаните без разлика дали живеат на село или во град да имаат подобри услови за живот.
„Имаме градежна офанзива низ целата земјата. Инвестираме над една милијарда евра во инфраструктурни проекти – патишта, водоводи, канализации, системи за наводнување, акумулации за наводнување, со цел да ја поттикнеме економијата и да го поддржиме градежниот сектор“, истакна премиерот Заев и посочи дека сето тоа ќе придонесе за повисок економски стандард, унапредување на животните услови и дополнителен стимул за младите од регионот да се задржат тука.
Министерот Бочварски посочи дека примарен фокус е ставен на регионалното поврзување и посебен приоритет се дава на локалните патни правци заради побрз локален развој, со тоа да се овозможат подобри услови за живеење на граѓаните.
„Овде во Кривогаштани и Долнени, реализираме инвестиција за која жителите чекаа повеќе од триесетина години. Со 440 илјади евра целосно се реконструира регионалниот пат меѓу населените места Житоше и Кривогаштани во должина од околу 10 километри, со што граѓаните добиваат нов и квалитетен патен правец. Веќе разговаравме со премиерот и директорот дека во следна фаза ќе биде реконструиран и патот кој води од Житоше кон Лажани и потоа до Ропотово, како едно од барањата на жителите на овие населени места“, наведе министерот Бочварски.
Тој нагласи дека низ континуирана грижа за сите граѓани со реализација на капитални проекти со кои се подобруваат условите за живеење, Владата заеднички со локалните власти реализира разни проекти за развој на цела Пелагонија.
„Сега активно работиме на доизградба на експресниот пат од Градско до Прилеп, најзначајниот пат за поврзување на Пелагонија. Интензивно се работи на делницата од Градско до Дреново, а од Дреново до Фаришката клисура изведувачот врши подготвителни активности за што во следниот период очекувам силна градежна активност и конечно завршување на овој патен правец. Во меѓувреме ЈП за државни патишта финишира со тендерската постапка за рехабилитација на третата лента долж превојот Плетвар. Дополнително би сакал да истакнам дека активно работиме на владиниот план за изградба на автопатско решение од Прилеп до Битола“, истакна министерот Бочварски.
Тој посочи дека преку проектот за реконструкција на локалните патишта во општините, конкретно во Кривогаштани започнува со реконструкција на дел од улица 4 и улица 14 во населеното место Крушеани, инвестиција од 9,5 милиони денари.
Директорот на Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта „Македонија пат“, Беким Мемеди, истакна дека овој патен правец е од огромно значење за граѓаните од регионот, а инвестицијата е во вредност од 28 милиони денари.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа