За десет проценти зголемени платите на вработените во Рудник САСА во 2022 година

Просечната плата што ја обезбедува Рудник САСА е до 80 проценти повисока од просечната плата во земјава. Овој процент е резултат на новото зголемување од 4300 денари, кое почнувајќи од утре ќе им биде исплатено на вработените, по претходна одлуката на менаџерскиот тим на САСА за ново зголемување на платите на сите вработени.

-Почитувајќи ја напорната работа и посветеноста на своите вработени и следејќи го трендот на зголемување на цените и животните трошоци, менаџерскиот тим на САСА донесе одлука за ново зголемување на платите на сите вработени. Почнувајќи од  утре, 1 јули 2022 година, сите вработени во Рудник САСА ќе добијат зголемување на вкупно исплатената плата од дополнителни најмалку 4.300 денари. Со тоа, просечната плата што ја обезбедува САСА ќе биде до 80 отсто повисока од просечната плата во земјава, се вели во информацијата од Рудник САСА.

Ова зголемување на платите го надополнува зголемувањето на нето платата од три проценти што САСА го исплатува од јануари годинава, а претходно трипроцентно дополнително зголемување годинава добија работниците преку прилагодување на неделните часови во смени.

Со најновото покачување, платата на секој вработен во Рудник САСА, како што додаде генералниот директор на САСА, Скот Јеланд, само во текот на 2022 година е зголемена за најмалку 10 проценти.

-Овие зголемувања на платите се дел од нашата трајна определба за обезбедување благосостојба и социјална сигурност на сите наши вработени, со тоа што тие ќе бидат соодветно наградени за нивните напори и постигнувања. Истовремено на овој начин сакаме дополнително да ги мотивираме нашите вработени со цел да обезбедиме поголема продуктивност и ефикасност во работењето, изјави Јеланд.

Со цел натамошен одржлив развој на САСА, паралелно, како што додаде тој, продолжуваат инвестициите за модернизација на производството, во безбедноста, во заштитата на животната средина и во проекти што се значајни за локалната заедница. 

30.06.2022 - 15:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега