Српскиот претседател Александар Вучиќ оцени дека светот се наоѓа на почетокот на голем конфликт кој би можел значајно да се прошири. Оваа позиција тој ја изнесе во подкастот „MD MEETS“ на режисерот на „Аксел Спрингер“, Матијас Депфнер.
Прашан дали светот е на работ на поголем судир меѓу Европа и автократски лидери, Вучиќ одговори:
„Ако ме прашате што лично мислам, а нема да објаснам зошто, мислам дека сме на почетокот на поголема војна. Затоа се надевав дека некој друг досега ќе направи нешто за да воспостави мир. Тоа не се случило, ниту пак ќе се случи наскоро. Тоа значит дека сме на работ на многу, многу поголема војна. Мразам да го кажам тоа“.
Зборувајќи за војната во Украина, тој рече дека не верува во нејзин брз крај, прогнозирајќи дека тоа нема да се случи ниту пред следната пролет.
„Не гледам дека војната ќе заврши оваа година, па дури ни пред следната пролет. Ќе ви кажам зошто: верувам дека едната страна мора да биде супериорна и некако да победи за да заврши војната. Инаку, со оглед на сегашниот ќор-сокак, не гледам простор за компромис“, смета Вучиќ.
Тој изрази уверување дека Путин сака контрола врз Донбас за да ја заврши војната, но предупреди дека не треба да се стремиме кон пораз на Русија, туку повика на компромис. Околу руските закани кон Европа, Вучиќ праша:
„Ја вооруживте Украина и воведовте санкции кон Русија. Финансиски ја поддржувате Украина – што е ова ако не хибридна војна?“
Осврнувајќи се на сопствената политика, по средбата со Зеленски, Вучиќ нагласи дека негова цел е да им угоди на Србите.
„Не сум тука да им угодувам на Русите, Украинците или на некој друг – освен на Србите. Не разговарав за доаѓањето на Зеленски со Путин бидејќи не ги објавувам моите политички планови на никого. Србија не е ничија марионета“, порача Вучиќ.
За неговиот однос со Путин рече дека имале меѓусебно почитување и се гледале неколку пати годишно.


