Во Палатата Србија претпладнево се одржа средба меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, по што следеа пленарни состаноци на делегациите на Србија и на Европската унија.
За време на разговорите беа анализирани економските односи, при што Вучиќ истакна дека вкупната трговска размена изнесува 58 милијарди евра и дека Србија учествува со 57,1 отсто во вкупниот извоз од Западен Балкан кон Унијата.
На прес-конференцијата српскиот претседател се осврна на европските вредности, најавувајќи носење закони за финансирање кампањи и антикорупција, но истакна и одредени предизвици во внатрешниот дијалог.
„Што се однесува до РЕМ, не знам како да го решам, давање на некого мнозинство во тело, тоа никаде во светот го нема, но ние ќе го решиме. Научив многу од Кошта и знам дека секој ден мораме да бараме компромиси. На сите им понудив дијалог, тие никогаш не сакаа, ниту политички противници ниту поединечни невладини организации. Мислат дека се носители на севкупната вистина, и дека нема да разговараат со авторитарното копиле и Хитлер“, истакна тој.
Вучиќ изрази фрустрација што Србија пет години нема отворено ниту еден кластер поради конфликтот во Украина, но додаде дека благодарение на компанијата „Стелантис“ е зголемен извозот кој ја подобрува стапката на раст на БДП.
На крајот од своето обраќање, српскиот претседател директно му се обрати на европскиот функционер најавувајќи го своето заминување на регионалниот самит во Тиват.
„Се гледаме вечерва во Црна Гора, ако не претставувам хибридна закана“, рече на крајот од својот говор Вучиќ Кошти.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, го започна своето излагање со изразување сочувство за смртта на српскиот мировник во Либан, а потоа го поздрави усвојувањето на четирите изборни закони.
Тој нагласи дека реформскиот процес бара мобилизација на целото општество, вклучително и на опозицијата, со цел приближување на земјата до полноправно членство.
„Вратата за ЕУ е отворенано просторот за решителни акции е сега. Сигурен сум дека со заедничка работа, на чесен начин, можеме да ја постигнеме нашата цел, Србија да стане полноправна членка на ЕУ“, рече тој.


