Српскиот претседател Александар Вучиќ од Светскиот економски форум во Давос испрати драматични пораки за состојбата во светот, оценувајќи дека претстојат тешки времиња бидејќи глобалните текови одат во „луда насока“ поради конфликтот меѓу ЕУ и САД околу Гренланд.

Пренесувајќи ги впечатоците од говорот на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, Вучиќ истакна дека таа двапати нагласила оти „таканаречениот политички развод меѓу Америка и ЕУ е траен“. Таа порачала дека американските санкции се грешка и дека одговорот на ЕУ ќе биде „пропорционален и непоколеблив“.

„Мојот заклучок е дека ЕУ не е подготвена воено да го брани Гренланд“, оцени Вучиќ, додавајќи дека очекува силен одговор од Трамп во спротивна насока. Тој не ја исклучи можноста за геополитички поместувања кои би вклучиле и влез на Норвешка во ЕУ.

Во однос на позицијата на Србија, тој нагласи дека земјата мора да најде начин како да се справи и со Европа и со Америка за да ги зачува мирот, економијата и суверенитетот. За атмосферата во Давос, Вучиќ рече дека веќе владее хаос и сообраќаен метеж, но за утре очекува „целосен колапс“ поради доаѓањето на американскиот претседател Доналд Трамп со огромна делегација.

Exit mobile version