Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, остро го искоментира повлекувањето на компанијата на Џаред Кушнер, зет на Доналд Трамп, од проектот за изградба на луксузен хотелски и станбен комплекс на местото на бомбардираниот Генералштаб во Белград.

Вучиќ ја префрли вината на кампањата која се водеше против инвеститорот.

„Сè што се случи во врска со Генералштабот, се гордеам со сите што учествуваа во обидот да се донесе толку голем инвеститор, а со кампањата и ловот што се водеше против инвеститорот успеавме да го уништиме сето тоа“, рече Вучиќ, пренесува „Телеграф“.

Тој ја оцени штетата како огромна, обвинувајќи дека целта на критиките е „да се уништи Србија, да се остави без инвеститори, струја и плати“.

„Оваа приказна денес станува само афера, како држава и народ сме големи губитници, изгубивме инвестиција од 750 милиони евра, а блокадите ни предизвикаа штета од вкупно една и пол милијарда. Сега ќе имаме срушена зграда од која паѓаат тули, а никој веќе нема да ја допре“, изјави тој.

Вучиќ се осврна и на обвинението од Обвинителството за организиран криминал поднесено против министерот за култура Никола Селаковиќ и уште три лица за злоупотреба на службената должност и фалсификување документи во врска со истиот проект.

Претседателот најави дека лично ќе поднесе кривични пријави против сите кои учествувале во, како што ја нарече, „потерата и уништувањето на инвестицијата, и од Обвинителството и од полицијата“.

Вучиќ ја критикуваше и формулацијата во соопштението на компанијата на Кушнер, која како причина за повлекување го наведе „за да не се подели народот“.

„Дали очекувавте: ‘Се повлекуваме затоа што таму има идиоти што не сакаат инвестиција од 750 милиони евра и кои уживаат гледајќи како урнати згради пред 26 години остануваат такви и во следните 100 години?’ Секако дека не“, заклучи Вучиќ.

За потсетување, проектот „Трамп“ требаше да се гради на местото на Генералниот штаб на поранешната ЈНА, уништен во НАТО бомбардирањето во 1999 година.

Exit mobile version