Вучиќ: Ќе напишам бестселер за мојата победа; Студентите: Ќе пумпаме додека не пукнe
Стотици таксисти од Белград, Ниш и Панчево заедно со своите колеги од Крагуевац денеска ги враќаат студентите кои завчера во тридневниот марш пешачеа 130 до 150 километри за да учествуваат на митингот „Да се сретнеме на Сретење“ во Крагуевац по повод Денот на државноста.
Долгите колони таксисти крагуевачани ги испратија во редови, фрлајќи цветни ливчиња и скандирајќи „Студенти, студенти“, а ги поздравија и жителите од околните населени места, пренесе „Н1“.
Само од Белград, околу пладне во Крагуевац пристигнаа повеќе од 800 таксисти од сите такси здруженија, на кои им се придружија и колегите од Ниш и Панчево, а крагуевачките таксисти ги превезуваа учениците на автопатот.
Ова е втора акција на солидарност и поддршка за студентите откако повеќе од 670 таксисти ги вратија студентите од Нови Сад по маршот до протестот на 1 февруари, каде десетици илјади луѓе, предводени од студенти, одбележаа три месеци од смртта на 15 лица во уривањето на настрешница на железничката станица во Нови Сад.
„Децата тоа го заслужија“, им рекол на новинарите еден од таксистите.
Бранот протести во Србија, предизвикан од трагедијата во Нови Сад, прерасна во студентско движење и речиси тримесечна блокада на повеќе од 60 факултети во четири државни универзитетски центри.
Студентите бараат одговорност од властите за несреќата во Нови Сад, разоткривањето на корупцијата на државно ниво и ефикасното работење на институциите без политичко влијание, а од ден на ден добиваат се поголема поддршка од граѓаните, јавните личности, просветните работници, земјоделците, синдикатите, културните работници.
Во исто време, државните лидери – почнувајќи од српскиот претседател Александар Вучиќ – ги обвинуваат дека се странски платеници и дека се обидуваат да извршат обоена револуција и да ја соборат владата без избори.
Вучиќ вчера на собирот на неговите поддржувачи во Сремска Митровица оцени дека студентските протести ќе траат уште неколку недели. Тој еуфорично тврдеше дека ја победил обоената револуција и дека ќе напише учебник за неа, бестселер кој ќе се продава во милиони примероци ширум светот.
По митингот во Крагуевац, студентите најавуваат нови акции, а го планираат и следниот голем митинг во Ниш, но повеќе детали за тоа засега нема. Пораката на студентите е дека по Ниш ќе продолжат со протестите во Белград и, како што велат, ќе пумпаат додека не пукне.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа