Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во Брисел изјави дека „доктрината на српскиот свет“ никогаш не постоела како официјална политика на Србија, наведувајќи дека тоа е измислен концепт кој, како што рече, ги оправдува „антисрпските политики“ во регионот и „обидите за создавање воен сојуз против Белград“, пишува Н1.

Зборувајќи на прес-конференцијата по средбата со претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, Вучиќ одговори и на прашања за европскиот пат на Србија, Извештајот на Европската комисија за напредокот на Србија и односите во регионот.

На прашањето на новинарите дали постои страв дека Србија ќе остане во чекалната“на Европската Унија, Вучиќ рече дека Србија има јасен избор.

„Утре да воведеме санкции врз Руската Федерација. Утре, буквално. Утре да речеме дека ќе го признаеме Косово. Еве нè во Европската Унија кога сакате. Само кажете ми, дали сакате тоа да биде политика? Не мислам дека треба да го признаеме независно Косово. Тоа е чиста геополитика“, рече Вучиќ.

Осврнувајќи се на Извештајот на Европската комисија за напредокот на Србија, Вучиќ рече дека, според тој документ, е забележана регресија „само во областа на слободата на медиумите“, нагласувајќи дека тоа не му било јасно.

„Како се вративме назад кога ниту уапсивме ниту уништивме никого. Не ги нападнавме демонстрантите, туку демонстрантите ги нападнаа новинарите кои размислуваат поинаку. Навистина не знам што направивме. Некој мора да ми објасни. Освен што ќе ми каже, се повикувам на „Репортери без граници“ или на „Фридом Хаус“ или не знам која и чија гранка, бидејќи не можам да прифатам такви глупости како аргументи“, рече Вучиќ.

Кога беше прашан за одредени тврдења дека на Србија може да ѝ биде „забрането влегување во Европската Унија“ врз основа на овој извештај, Вучиќ одговори: „Мислам дека вратата ни е отворена. Но, како што реков, зависи од нас и од нашите одлуки“.

Коментирајќи ја изјавата на претседателот на Бугарија, Румен Радев, кој ја предупреди ЕУ за наводната доктрина за „српскиот свет“, Вучиќ рече дека тоа е поврзано со предизборната кампања во Бугарија.

„Тие ја измислија фразата српски свет. Можеби го имаат бугарскиот свет, не знам. Но, ние го немаме српскиот свет. Ниту како доктрина, ниту како политика. Никогаш во животот не сум го рекол тоа. Никогаш. Но, им одговараше затоа што направија баук од тоа и за да ја оправдаат својата антисрпска политика, ја користеа таа фраза. Затоа што мора да ги оправдаат Хрватите, и Приштина, и Тирана, а можеби и Софија во иднина, зошто формираат воен сојуз против Србија. Тоа никогаш не било дел од официјалната српска политика“, рече Вучиќ.

Exit mobile version