Второто полугодие останува неизвесно - пари за струја и греење училиштата немаат

 

Владата и натаму останува незаинтересирана за проблемот кој општините го имаат со превисоките сметки за струја во училиштата. Во пресрет на зимата секојдневните апели кои ги испраќаат општините остануваат без одговор, па дел од нив веќе подготвуваат модели во кои или би се одело на онлајн настава во текот на најстудените месеци за да се заштеди на греење или пак со варијантата за кратење на летниот распуст и продолжување на зимскиот.

Градоначалниците од Полошкиот регион во вторникот побараа од Министерството за образование и наука да има поголем распуст или онлајн настава за учениците со цел училиштата да немаат високи трошоци за затоплување на училниците и просториите. За ова се разговараше на седницата на Советот за развој на Полошкиот плански регион, а идејата доаѓа од градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари, кој пред неколку недели ја спомена можноста во изјава за медиумите.

-Бидејќи сметките за електрична енергија се повисоки од минатата година одлучивме како идеја да дадеме зимскиот распуст за децата да трае два месеци – декември и јануари или јануари и февруари, така децата потоа преку лето да имаат пократок распуст и учебната година да трае до 30 јуни и потоа да почнат на 15 август со новата учебна година. Или евентуално трите месеци декември, јануари и февруари да бидат онлајн. Ние сме горе-долу дигитализирани, имаме добри искуства во време на пандемијата и зошто сега повторно, во насока на заштеда на електирчна енергија, да не се одржи онлајн настава. Ќе треба поддршка од Министерството и ЗЕЛС, а нас не поддржуваат и други градоначалници, изјави Таравари

ВЛАДАТА НЕ ДАВА ПАРИ

Портпаролот на Владата Душко Арсовски во средата нагласи дека во интерес на учениците е настава со физичко присуство и додаде дека нема промена во начинот на нејзината реализација. Владата, како што рече, за справување со предизвиците од енергетската криза е во комуникација со сите засегнати страни преку Министерството за образование и наука.

Одговарајќи на новинарско прашање за барањето на дел од општините за продолжување на зимскиот распуст на учениците заради штедење струја и огрев и колку се оправдани барањата дел од трошоците и субвенциите да ги покрива Владата, Арсовски рече дека на последната седница на Владата немало дискусија за тоа.

-На последната седница на Владата немаше дискусија во однос на ова прашање. Владата останува посветена во надминување на предизвиците предизвикани од енергетската криза и е во комуникација со сите засегнати страни преку Министерството за образование и наука, рече портпаролот Арсовски, дополнувајќи дека нема промена во начинот на реализација на наставата со физичко присуство во основните и средните училишта.

Организирањето во смисла на трошоците за загревање на училиштата, дополни владиниот портпарол, е во рамки на надлежностите на општините односно на локалната самоуправа и за тоа од Министерството за образование и наука се исплаќаат дотации до општините. Така што, потенцираше Арсовски, важно е да се каже дека тие се одговорни и во интерес на учениците е физичко присуство на наставата.

ОПШТИНИТЕ НЕМААТ ПАРИ

Штипскиот градоначалник, но и останатите први луѓе на општините од Источниот регион, бараат училиштата да плаќаат за потрошена електрична енергија како и домаќинствата и градинките.

- Ќе биде доведена во прашање исплатата на плати на вработените во овие институции, затоа што сите средства кои што ги добиваме по основ на блок дотации, ќе бидат потрошени за покривање на трошоците за електрична енергија и трошоците за затоплување - изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип 

Училиштата се оставени на слободен пазар на струја и сметките им се зголемени за 3 до 4 пати.

- Очекуваме уште неколку кратно да се зголеми цената на електричната енергија, која што овие институции ќе ја плаќат. Тоа значи дека, колку и да штедиме, колку и да се прилагодуваме на новонастанатата ситуација и на препораките кои што ги добивме, не можеме да го намалиме трошокот за електрична енергија затоа што секојдневно растат цените и го анулираат она штедење што се обидуваме да го направиме - додаде Јорданов

Единствено решение, според Јорданов, е регулација на цената на енергенсите, за да се овозможи оптималност и оддржливост во функционирањето

СОНК: НАЈДЕТЕ РЕШЕНИЕ

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) денеска на својот Фејсбук-профил објави дека Владата и Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) треба заедно да изнајдат прифатливо решение за надминување или ублажување на енергетската криза во училиштата.

-Наставата од далечина не е прифатлива опција на најзасегнатите: учениците, родителите и наставниците, наведува СОНК

 

23.09.2022 - 09:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега