Втора Парада на гордоста во Скопје на 26 јуни- парадата ќе ја отвори Васил Гарванлиев

Втората Парада на гордоста во Скопје ќе се одржи на 26 јуни. Кочо Андоновски од ЛГБТИ Центарот за поддршка, нагласи дека оваа парада е посветена на сите ЛГБТИ луѓе и поддржувачи, кои ќе дојдат да го изодат овој марш за еднаквост на ЛГБТИ заедницата, но и на сите оние кои нема да можат да дојдат поради различни причини – зашто се плашат за односот со своите најблиски, се плашат за своите работни места или за односот кон нив во училиште или на факултет.

„Изолацијата, која сите заедно ја искусивме минатата година, повеќето ЛГБТИ луѓе ја искусуваат целиот свој живот поради стигмата и предрасудите. И затоа годинава мотото на парадата е ‘Вон ѕидовите’“, изјави Андоновски.

Уранија Пировска, од Хелсиншкиот комитет за човекови права, посочи дека плановите за одржување на годинешниот Прајд се темелеа на подобрувањето на епидемиолошката состојба во земјата. Таа информираше дека и оваа година е добиена потврда за посветеноста на Министерството за внатрешни работи да се обезбеди највисоко ниво на сигурност.

„Пред две години, нашата парада беше оценета како најдобра токму поради безбедносниот аспект. Очекувам дека МВР и годинава ќе покаже професионалност и ќе им обезбеди на учесниците да се чувствуваат сигурно“, рече Пировска.

На прес-конференцијата учествуваше и Тони Ангеловски, помошник на министерот за внатрешни работи за односи со јавноста, кој од име на /министерството изјави дека ќе бидат преземени сите непходни мерки за настанот да помине безбедно и во најдобар ред.

Прајдот ќе започне со собирање на учесниците во паркот „Жена Борец“ од 10 до 12 часот, а движењето ќе биде покрај Влада, сѐ до Школка во Градскиот парк.

„Таму ќе започне и делот на прослава, бидејќи Прајдот е протест, но и прослава, на која ги реафирмираме надежите за посолидарно, похумано и поправедно општество“, рече Петровска.

И овојв пат, Парадата ќе ја отвори нашиот претставник на Евровизија, Васил Гарванлиев, а потоа ќе следат говори од активисти и неколкучасовна музичка програма. Сите детали околу превентивните мерки и безбедноста ќе бидат тековно споделувани на сите комуникациски канали.

Организатор на парадата е Националната мрежа против хомофобија и трансфобија.

Макфакс

15.06.2021 - 16:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега