Втор ден кампања за Локалните избори
Кандидатите за градоначалници, политичките партии и коалициите со собири и средби со граѓаните денеска ја продолжуваат кампањата за Локалните избори закажани за 17 октомври.
Претседателот на СДСМ Зоран Заев, вчера од Скопје порача дека упорноста, храброста и визијата на Петре Шилегов се причината што Скопје денес има модерен, европски лик, и е на вистинскиот правец напред кон иднината.
Според него, Шилегов е фаворит затоа што граѓаните во него препознаваат одговорен, стабилен и посветен градоначалник, кој не калкулира со својот рејтинг кога носи решенија за градот. Како што рече, на овие избори го нудат Шилегов како најдобра понуда.
– Петре е најдоброто што му треба на Скопје – главниот град на 30-та земја членка на НАТО, главниот град на државата, чија Влада е најтранспарентна во регионот, главниот град на најбезбедната земја на Западен Балкан. Овој наш град не заслужува ништо помалку од најдоброто, и убеден сум дека на 17 октомври Скопје ќе го избере најдоброто, за да продолжи развојот на цело Скопје подеднакво, нагласи Заев.
Напомена дека во овие четири години Скопје го врати својот автентичен дух на урбаното космополитското, духот на солидарноста и меѓусебното почитување.
Целосно заокружување на процесот за решавање на сообраќајниот хаос во градот, Скопје да стане град без инфраструктурен проблем во наредните 50 години, како и забавен парк се дел од ветувањата на кандидатот за градоначалник од оваа партија Петре Шилегов, за следниот мандат.
– Започнуваме да го пробиваме булеварот „Македонија“ познат како „Јужен булевар“, конечно ја поврзуваме Кисела Вода со Центар и со Карпош. Целосно го завршуваме булеварот Словенија, кој ќе води до Волково и до Ново Село, а ќе биде поврзан и со Општина Карпош со мостот на улица „Љубљанска“. Во центарот на градот ја градиме најголемата пешачка зона во Европа од стара Железничка до Бит Пазар, од Собрание до Палома Бјанка, целосно ќе го исчистиме градот заедно со општините затоа што изградивме инфраструктура во возила и потенцијал да можеме во наредниот мандат да понудиме на општините да влеземе пред секоја зграда и пред секој дом, нагласи Шилегов.
Потенцира дека тој и неговиот тим имаат реален и проверен план како тоа да биде реализирано.
Неговата противкандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ Данела Арсовска, пак, во Градскиот паркима ше средба со млади, со кои разменија размислувања за Скопје, какво е сега, а во каков град тие сакаат да живеат.
– Градот ќе биде место каде ќе имате исполнета и среќна младост, со содржини и младински центри што ќе ви овозможат да се развивате, лично и професионално. Ќе има места каде ќе можете да се изразите, да се поврзете, дружите а истовремено и ќе учите и ќе се наградите со знаење. Ќе се овозможи заживување на културната, музичката и воопшто мултимедијалната сцена, наспроти сегашната зачмаеност, забавни содржини со интерактивен концепт, наспроти едноличната културна програма, отвореност на градот за современите и алтернативни културни движена и создавање услови каде и вие самите би можеле да се вклучите и ќе ја создавате оваа сцена во вашиот град. Заедно, со вас и вашите идеи ќе го создаваме современо и модерно Скопје, им порача Арсовска.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа