Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.
Во текот на денот ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Попладне, претежно во планинските региони ќе има услови за појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Утринските температури се движеа во интервал од 12 до 20, а максималната дневна ќе достигне од 30 до 38 степени.
Во Скопје и околината се очекува сончево и топло време со мала до умерена облачност.
Во главниот град ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, каде минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 38 степени.
Синоптичарите најавуваат продолжување на овој топлотен тренд и во деновите што следат.
Според прогнозата на УХМР, под влијание на топла воздушна маса од југ до средината на следната седмица времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност.
Дневната температура насекаде ќе биде над 30 степени, а наместа ќе достигне до 39 степени.
Од УХМР дополнително предупредуваат дека високи температури ќе се задржат и во текот на ноќните часови.


