Поранешната депонија Вардариште, која со децении важеше за една од најголемите еколошки црни точки во Скопје, се наоѓа во фаза на интензивно одгасување и санација.

Процесот се одвива со одлична динамика и согласно предвидениот проект, информираше градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Според неговите информации, на теренот веќе интензивно се поставуваат цевки, шахти и целокупната потребна инфраструктура, како дел од системскиот пристап кон трајно решавање на овој децениски проблем.

По завршување на целиот процес, овој простор ќе добие сосема нов лик и наместо депонија, таму е предвидено да никне нов мега парк.

Во својата објава, Ѓорѓиевски порача:

„Таму каде што со години имаше смет, чад и негрижа, ќе никнат зеленило, простор за рекреација, мир, свеж воздух и место за сите генерации. Скопје заслужува чиста животна средина, уредени простори и визија што се реализира на дело.“

Со овие активности, како што додава тој, Вардариште дефинитивно заминува во минатото.

Exit mobile version