Македонија денеска се наоѓа под влијание на променлива облачност која во попладневните и вечерните часови ќе донесе повремени локални врнежи од дожд. Според синоптичарите, на повисоките планини се очекуваат врнежи од дожд и снег.
Во текот на денот ќе дува умерен ветер од југоисточен правец, кој долж Повардарието повремено ќе засилува. Термометрите ќе се движат во интервал од 6 до 12 степени, додека минималната температура ќе се спушти до 1 степен.
Во Скопје времето ќе биде претежно облачно со дожд во попладневните часови и кон крајот на денот. Максималната температура во главниот град ќе изнесува 11 степени.
Стабилно време не се очекува ниту во наредните денови.
„И во наредните денови ќе биде променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер што ќе услови до недела релативно високи температури.“
Пресврт на метеоролошки план се очекува од недела попладне, кога ќе започне да дува северен ветер, а температурите ќе бидат во опаѓање.


