Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, упати јавна поддршка за идејата неговата позиција во иднина да ја преземе жена. На традиционалната новогодишна прес-конференција во Њујорк, тој истакна дека светската организација е подготвена за ваков чекор.
„Мислам дека очигледно е време за Обединетите нации да имаат жена на своето чело. Немам никаков сомнеж во тоа“, изјави Гутереш.
Актуелниот шеф на ОН, кој е на функција од 2017 година, својот втор мандат го завршува кон крајот на 2026 година. Во историјата на ОН, највисоката функција досега никогаш не ја извршувала жена.
„Вистината е дека, без разлика дали во Обединетите нации или на лидерските позиции на најмоќните земји во светот, време е да видиме жени“, додаде тој.
Досега за негов наследник официјално е номиниран само Рафаел Гроси од Аргентина, актуелен шеф на МААЕ. Земјите-членки имаат рок да ги достават своите номинации до почетокот на април.

