Библиотеката „Кочо Рацин“ во Тетово ќе добие статус на универзитетска библиотека, со што студентите, професорите и истражувачите ќе имаат поголем пристап до стручна литература и ресурси за научна работа. Ова го соопшти ВРЕДИ, оценувајќи ја одлуката како значаен чекор за унапредување на образованието и академската дејност во Тетово.

Од ВРЕДИ информираат дека одлуката за проширување на дејноста на библиотеката е усвоена на предлог на министерот за култура и туризам, Седат Сулејмани.

Со новиот статус, библиотеката ќе може да одговори на пошироките потреби на академската заедница, вклучително и подготовката за испити, изработката на дипломски трудови и спроведувањето научни истражувања. Истовремено, таа ќе продолжи да им биде достапна и на останатите граѓани.

Од ВРЕДИ нагласуваат дека вложувањето во образованието и создавањето подобри услови за студентите се важни за младите да можат да го продолжат своето образование и професионален развој во земјава.

„Зад секој студент стои и трудот на неговото семејство. Работиме студентите и нивните семејства да ја добијат потребната поддршка, а младите да имаат можности да се развиваат тука, во својата земја“, наведуваат од ВРЕДИ.

Од партијата додаваат дека ќе продолжат да поддржуваат иницијативи насочени кон подобрување на условите за образование и создавање повеќе можности за младите.

Exit mobile version