Коалицијата ВРЕДИ категорично ја отфрли денешната иницијатива на опозициската ДУИ за собирање потписи за уставни измени. Во официјалната реакција, владејачката коалиција ја оцени постапката на нивните политички ривали како „несериозна и самосаботирачка“, додавајќи дека овој потег повеќе наликува на политичка пародија отколку на искрен државнички чекор.

Од ВРЕДИ упатија и остри критики кон кадрите на ДУИ, со посебен фокус на Блерим Беџети. Според нив, апсурдно е Беџети да зборува за европски вредности, оценувајќи го тоа како директна навреда и за Европската Унија и за Албанците.

„Блерим Беџети ќе остане запаметен по политизација на судството, спорни изјави и бројни скандали од неговото досегашно политичко делување, што е во целосна спротивност со европските принципи. ВРЕДИ нема намера да стане дел од оваа пародија. Европската интеграција бара сериозен и искрен пристап“, се наведува во соопштението на коалицијата.

Наместо учество во вакви иницијативи, од ВРЕДИ порачуваат дека Владата останува целосно фокусирана на спроведувањето на реформската агенда, која, како што тврдат, успешно се реализира и веќе добива позитивни признанија од официјален Брисел.

Exit mobile version