Вработените во ЈП „Улици и патишта“ најавуваат целосна блокада на Скопје ако не земат плата
Вработени во Јавното претпријатие „Улици и патишта“ од протестот утрово пред канцелариите на администрацијата на Град Скопје, најавија целосна блокада на градот, доколку не земат плата. Во изјави за медиумите, беше посочено дека тие немаат гориво, возила „седат“ во гаража, нема редовна плата, а имаат обврска кон банките да ги исплаќаат земените кредити, а немаат земено ниту К-15, иако тоа законски им следува.
Протестот е организиран од Независниот синдикат во јавното претпријатие, при Конфедерација на синдикални организации на Македонија (КСОМ).
Претседателот на КСОМ, Марјан Ристески ја опиша ситуацијата во претпријатието како „крајно критична“. Тој рече дека се најавуваат протести со механизација, а овие вработени ги контролираат и семафорите, „не би сакале да направиме тотален хаос“.
- Замислете, протестираат за плата. Камоли да се побараат некои други средства - за заштитни средства при работа или покачување на плата, посочи тој, апелирајќи да се седне да се разговара, да се даде плата или целосно ќе се блокира Скопје.
Ристески истакна дека минатиот месец имало средба со новата директорка на претпријатието, за која кажа оти е петти или шести директор во мандатот на скопската градоначалничка.
- Наместо да ги викнат луѓето на разговори, еве се јавуваат колегите кажуваат - притисоци. На кого притисоци? За што притисоци? Плата бараат. Во денешно време да немаш плата, за што работиме ние сите, праша Ристески.
Нусрет Пашалиќ, вработен во Јавното претпријатие „Улици и патишта“, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека доколку не земат плата, од понеделник со возила ќе излезат на улица и семафорите ќе ги исклучат за да не работи целиот град.
- Нас многу ни е тешко што денеска сме дошле вака овдека, да ја бараме нашата плата што сме ја заработиле чесно и да бараме К-15 што ни следува по закон и бараме сметката што ни е блокирана да нѐ одблокираат, оти секој месец имаме проблеми со исплата на личниот доход, додаде Пашалиќ во изјава за медиумите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа