Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, на денешната прес-конференција обелодени серија фрапантни неправилности и недоследности во работењето на оваа институција пред таа да дојде на функцијата.

По објавениот извештај на Државниот за ревизија, кој бил извршен токму на барање на ИЈЗ, Андоновска изрази надеж дека Јавното обвинителство итно ќе реагира за констатираниот криминал во минатото.

„И мене некои работи ми изгледаа нестварно штом дојдов на оваа функција, што се случувало пред јас да дојдам на позицијата“, рече Андоновска.

Според нејзините зборови, кога дошла на директорската позиција со нејзиниот тим констатирале дека во Институтот, каде ревизија немало направено од 2017 година, немало никаква евиденција за реагенси, а набавувана била непотребна и дуплирана медицинска опрема.

„Дел од луѓето примале плата, а не доаѓале на работа, колеги ги евидентирале дека доаѓаат на работно место, а тие за возврат им давале пари“, посочи Андоновска.

Дополнително, во ИЈЗ имало партиски вработувања без административен испит, незаконски унапредувања и додатоци на плати кои достигнувале од 44 до 88 илјади денари за архивска граѓа, како што е чистење двор. Здравствените услуги биле загрозени бидејќи фармацевтски техничар извршувал обврски на медицинска сестра.

Новото раководство открило и дека се купувале лаптопи, компјутери и ајфони без реверс каде завршиле, се издавал простор на пекара спротивно на Закон, а договорите за мобилна и фиксна телефонија биле склучувани за двојно повисоки суми од предвидените.

„Утврдивме и дека за прослава на 100-годишнината на ИЈЗ за еден час биле потрошени 50.000 евра. Па за што за еден час може да се потрошат 50.000 евра? Понатаму, ако законот дозволува за 1.000 евра или за 62.000 денари да набавиш некакви, одредени средства што ти се потребни без распишување јавна набавка, тие над милион и нешто имаат потрошено надвор од дозволеното. Замислете, 1.000 евра дозволени, а потрошиле над 20.000 евра. По 500.000 денари се давало за репрезентација, споредено со сега кога имаме нула репрезентација, некористење службено возило, немање службени патувања. Јас не користам мобилен телефон службен, не користам службен број. Постои евиденција – доколку се добие одреден апарат, на кого се издава апаратот, се задолжува. Постојат реверси и слично. Исплаќани се и одредени додатоци на плата незаконски, билдани, награди, active, пасивни приправности – сѐ спротивно на закон. Месечно по 5 милиони денари се штедат сега на тоа кога се изрегулирани коефициентите, кога не се исплаќа незаконски во однос со исплатите. Во однос на мрежниот кабел од 15.000 евра, ниту знаеме каде е, ни што е, ни зошто е“, истакна Андоновска.

На крајот, директорката апелираше јавноста да не ги става сите вработени во ист кош бидејќи голем дел од нив работеле чесно и професионално, додавајќи дека најголемиот дел од хаосот во Институтот веќе е надминат.

Exit mobile version