Вработени пријавиле дека ги малтретирал: Јавен обвинител од Вишото Обвинителство под истрага

 

Јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје е отстранет од функцијата додека ОЈО Штип истражува предмет за малтретирање на работно место. 

Кривична пријава му поднеле група вработени во Вишото јавно обвинителство.

-Основното јавно обвинителство Штип донесе Наредба за спроведување истражна постапка против јавен обвинител за кого постои основано сомнение за сторено продолжено кривично дело – Малтретирање во вршење на службата од член 143, како и за продолжено кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик. Кривичната пријава против јавниот обвинител за малтретирање во вршење на службата беше поднесена до Јавното обвинителство на Република Северна Македонија од страна на група вработени во Вишото јавно обвинителство Скопје, по што таа беше проследена на надлежно постапување на Основното јавно обвинителство Штип. Во текот на истражните дејствија преземени од штипското обвинителство се добиени податоци и сознанија кои упатуваат на сомнение и за дејствија на злоупотреба на службената положба и овластување, велат од ОЈО.

Одлуката за оддалечување од функцијата ќе трае додека се води кривичната постапка.

-По приемот на известувањето за поведена истрага, врз основа на член 81 од Законот за јавното обвинителство, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија донесе Одлука за оддалечување од функцијата за јавниот обвинител додека трае кривичната постапка поведена по поднесената пријава против него, се вели во дописот од ОЈО.

11.11.2024 - 14:15

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега