Возат пијани, пребрзо и без дозвола - Секој втор возач во Скопје сторил прекршок

 

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во интервју за "360 степени" даде фрапантни податоци дека за пет дена, од 5 444 исконтролирани возачи во Скопје, констатирани се 2 592 прекршоци, што значи дека речиси секој втор кој што бил запрен, сторил некаков прекршок.

- 195 прекршоци се за немање на возачка дозвола, а вкупно 19 алкохолизирани возачи возеле моторно возило. Речиси секој втор што бил запрен, сторил некаков прекршок.  Во овие 195 прекршоци, можеби едно лице и два пати е запрено, но факт е дека овие луѓе никогаш немале положено возачки испит.  Дури 19 алкохолизирани луѓе управувале моторни возила за овие пет дена. Нерегистрирани, значи тоа возило не поминало на технички преглед, никој не констатирал дека е во состојба за да биде управувано – 50. И внимавајте, 695 луѓе управувале побрзо од дозволена брзина, изјави министерот за "360 степени".

Вели дека мора да се влезе темелно во проблемот и е дециден дека имаме едни од најстрогите закони за сообраќајни инциденти, но проблем е судската пракса.

Тој најави дека системот „Сејф сити“ треба да профункционира од 1 јануари 2026 година. Појасни дека за овој систем за автоматизирано регистрирање сообраќајни прекршоци да почне да работи, освен поставување техничка инфраструктура, треба да се усогласат низа закони. Формирана е работна група во која има експерти од различни области, претставници на повеќе институции и МВР, кои, според министерот, интензивно работат на решение.

-Што се констатираше досега? Неусогласеност на законите од аспект на нејасно дефинирање на Кривичен законик (КЗ) со Закон за безбедност во сообраќајот на патиштата и Закон за прекршоци. Преклопување на дејствија на извршување. Значи, ние мораме да опфатиме измени и дополнување на КЗ за да разграничиме јасно што е кривично дело, а што е прекршок од аспект на безобѕирно управување со моторно возило, и мене ако ме прашате лично, да додадеме во рамки на дејствијата на безобѕирно управување со моторно возило и одземање на возачка дозвола, наведе Тошковски.

11.02.2025 - 08:13

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега