Возачот кој прегази пешак на пешачки во Бутел имал 17-години и возел брзо, обвинителството побара притвор

 

Обвинителството објави нови детали за синоќешната сообраќајна несреќа во скопската населба Бутел, каде што животот го загуби пешак.

Од тука информираат дека автомобилот го управувал 17-годишник кој не поседувал возачка дозвола, а возилото било во сопственост на неговиот татко.

„Без да има важечка возачка дозвола, детето на возраст од 17 години, на 27 јануари во вечерните часови, управувало автомобил „Фолксваген голф“, сопственост на неговиот татко. Притоа, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај, доведувајќи го во опасност животот на луѓето. Возејќи по улицата „Босна и Херцеговина“, стигнал до крстосница со улиците „Александар Урдаревски“ и „Кемал Сејфула“, но не ја приспособил брзината на движење кон својствата и состојбата на патот. Како резултат на тоа, со предниот лев дел од автомобилот удрил во пешак кој го поминувал коловозот на обележан пешачки премин. Од ударот пешакот се здобил со тешки телесни повреди и починал на лице место“, соопшти Обвинителството.

Јавниот обвинител до судијата за деца достави и предлог за определување мерка притвор спрема детето во судир со законот, бидејќи оцени дека постои опасност да се даде во бегство, да ја попречува постапката со влијание врз сведоците или да го повтори делото.​

Претходно, МВР информирајќи за настанот соопшти дека автомобилот го управувал 18-годишник.

28.01.2023 - 15:25
Фото: 
МАКФАКС

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега