Вонредна седница во Делчево: се очекува советниците да прогласат елементарна непогода

 

На пладне е закажана вонредна седница поради големите штети предизвикани од невремето, кое вчера го зафати Делчево. На седницата ќе биде предложена одлука за прогласување елементарна непогода од поплави во Делчево, а ќе биде донесена и одлука за формирање комисија за процена на штети по што ќе се објави и јавен повик преку кој ќе се информираат граѓаните за постапката за пријавување штети.

„Максимално се мобилизирани екипи на ЈКП ‘Брегалница’ и на ТППЕ ‘Делчево’, со механизација и рачно се расчистуваат наносите од земја на коловозите во централното градско подрачје и во реоните и се санираат штетите во домовите, а во моментот стручни лица од Општина Делчево прават увид на оштетената инфраструктура на коловози и потпорни ѕидови со цел да се пристапи веднаш кон нивна санација.

Сите сме максимално ангажирани за да се санираат штетите и да се врати градот во нормала. Сакам да ги информирам граѓаните дека и понатаму може да побараат помош на телефонскиот број 193“, изјави градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски.

Тој им се заблагодари на сите граѓани, кои ангажирано се вклучија во расчистување на штетите од поплавите, особено до ТППЕ од Кавадарци, Берово, Кочани, Македонска Каменица и Пехчево, кои синоќа испратија помош во луѓе и опрема и работеа заедно со екипите од Делчево.

Од вчерашното невреме поплавени се десетици приватни домови, институции и фабрики, а оштетени се коловозите на неколку сообраќајници. Најголеми штети се евидентирани во населбите Пролет и Басарица, на улицата Царевоселска, булеварот Македонија. Подетаљни информации за штетите ќе бидат објавени по завршениот увид на терен.

09.06.2023 - 13:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега