Вонредна инспекција во Детска Клиника откако почина седуммесечно бебе

 

Инспекторите од здравствениот инспекторат влегоа во Клиниката за детски болести. Од изутрината таму се врши вонреден инспекциски надзор откако седуммесечно бебе почина на интензивна нега во неделата.

Сепак, директорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Кирил Лазов не открива какви се првичните наоди. Најави дека утре Инспекторатот ќе ги соопшти деталите од надзорот.

-Во текот на денешниот ден од моја страна беше издаден налог за единечен вонреден инспекциски надзор на Клиниката за детски болести, со сознание за починато седуммесечно бебе кое по искажување на актуелниот директор било донесено со тешки оштетувања на повеќе органи. По утврдување на фактичката состојба во делот на приемот, во делот на пружање на здравствена заштита, како и евидентирање, претпоставувам дека во текот на утрешниот ден ќе излеземе со поконкретни податоци, рече Лазов.

Прашан дали може да соопшти нешто поконкретно за инспекцискиот надзор, Лазов рече дека тој сѐ уште трае.

-Во моментов се врши, во моментов се врши вонреден инспекцски надзор, така што, на крајот на денот би имале нешто првично. Меѓутоа, утре ќе излеземе со конкретни и финални информации, рече Лазов. 

Претходно, директорот на Клиниката, Реџеп Мемеди во изјава за МИА појасни дека бебето било со генетски проблеми и имало оштетени повеќе органи. 

Тој тврдел и дека запазени биле сите процедури и третмани и нема лекарска грешка. 

17.12.2024 - 12:33

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега