Постојаниот претставник на Соединетите Американски Држави во Обединетите нации, Мајк Волц, денеска изјави дека Вашингтон не води војна против Венецуела и не ја окупира земјата.
„Како што изјави државниот секретар Марко Рубио, не се води војна против Венецуела и нејзиниот народ. Ние не ја окупираме земјата“, рече Волц на седница на Советот за безбедност на ОН, посветена на состојбата во Венецуела.
Американскиот дипломат оцени дека операцијата за апсење на венецуелскиот претседател Николас Мадуро била „акција на органите на редот“. Тој додаде дека американскиот претседател Доналд Трамп му дал на Мадуро повеќе можности за излез, во обид за деескалација.
„САД нема да се двоумат да преземат дејствија за заштита на Американците од наркотероризмот и сакаат мир, слобода и правда за народот на Венецуела“, истакна Волц.
Тој посочи дека Вашингтон нема да дозволи неговите противници, конкуренти и ривали да ја користат Западната Хемисфера за свои цели: „Станува збор за Западната Хемисфера. Ние живееме тука и нема да дозволиме тоа да биде база за операции на противници и ривали на Соединетите Американски Држави“, додаде Волц.
Во меѓувреме, заменик-постојаниот претставник на Кина во ОН, Сун Леј, изјави дека Пекинг решително ги осудува „незаконските и хулигански дејствија“ на САД во однос на Венецуела.
„Кина е длабоко шокирана и решително ги осудува едностраните, незаконски и хулигански дејствија на САД“, рече Сун Леј на седницата на Советот за безбедност.

