Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, денеска ќе престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.
Како што информираат од Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, таа ќе го пречека со највисоки државни и воени почести на церемонија во Вила „Водно“.
Потоа се предвидени тет-а-тет средба меѓу двајцата претседатели, како и пленарен состанок на македонската и црногорската делегација.
Во рамки на посетата ќе биде потпишан и меморандум за соработка меѓу младинските совети при кабинетите на двајцата претседатели.
За утре е најавено Милатовиќ да положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Исто така, Сиљановска-Давкова и Милатовиќ ќе одржат заедничко предавање на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

