Во тек е пријавување за финансиска поддршка од 1.000 денари месечно за електрична енергија
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини потсетува дека е во тек Јавниот оглас за финансиска поддршка за потрошена електрична енергија за 2025 година, наменета за граѓаните што спаѓаат во категоријата на ранливи потрошувачи на енергија.
Финансиската поддршка преку намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија изнесува 1.000 денари месечно и се одобрува за период од 12 месеци, почнувајќи од денот на поднесување на барањето. Пријавувањето трае 30 дена од денот на објавување на огласот (до 19 април), па ги повикуваме сите граѓани кои ги исполнуваат условите да аплицираат навремено и да не ја пропуштат оваа можност за намалување на трошоците за електрична енергија.
Право на поддршка имаат:
• Домаќинства со едно или повеќе деца со попреченост, корисници на посебен додаток, со вкупен нето доход во 2024 година под утврдените граници (од 42.000 до 80.000 денари, според бројот на членови).
• Згрижувачи на лица, корисници на надоместок за згрижување, чиј доход не го надминува предвидениот праг (според бројот на членови во домаќинството (од 42.000 до 160.000 денари).
Оние што веќе примаат паричен додаток за енергенси или финансиска поддршка за стари лица не се опфатени со оваа мерка.
Барањето за финансиска поддршка се поднесува со пополнет образец (Образец 1 или 2) и придружна документација. Обрасците се достапни во архивата на Министерството и на веб-страницата: www.ea.gov.mk.
Со барањето е потребно да се достават следните документи:
• Изјава заверена на нотар за точност на приложената документација;
• Фотокопија од Решение за стекнато право на посебен додаток или надоместок за згрижување;
• Фотокопија од последната сметка за потрошена електрична енергија;
• Фотокопија од лична карта на барателот;
• Доказ за членовите на домаќинството.
За дополнителни информации и прашања, граѓаните може да се обратат на: ranlivipo-trosuvaci@energy.gov.mk
Министерството уште еднаш ги повикува сите кои ги исполнуваат условите да ја искористат оваа можност и да аплицираат навремено.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа