Побарала 12, но и дозволиле само 5. Во тек е постапка на вработување на петмина инспектори во Инспекторатот за употребата на Законот за македонски јазик. Иако првично директорката побарала да бидат вработени 12 лица, Министерството за финансии дало зелено светло само за пет. Но сепак овие лица во најоптимистичко сценарио ќе може да пишуваат казни дури 2027-ма година, бидејќи мора да поминат едногодишна обука.
„Постапката за вработување започна, петмина инспектори, од помлад инспектор до советник инспектор. Се прави селекција на пристигнатата документација и ќе продолжи постапката до избор на кандидати кои ќе бидат вработени како инспектори по македонски јазик. По вработувањето, ќе започне постапка на обука. Според закон, мора да посетуваат обука една година. По завршувањето ќе може да полагаат за да си добијат лиценца по македонски јазик“, изјави Менче Андреева, директорка на Инспекторатот за македонски јазик.
Обука ќе следат во други Инспекторати, бидејќи единствен вработен во тој за македонски јазик е директорката.
Во меѓувреме, Владата ги задолжи сите институции да дадат информација дали ги лекторираат документите. Одговориле само педесет, а најголемиот дел од нив немале вработени вакви лица што дополнително укажува на фактот дека иако законот е донесен пред повеќе години, сепак не се почитува во пракса.
„Педесеттина институции доставија информација до нас дали имаат вработено лектори, дали ги лекторираат своите документи, дали користат услуги од надвоешни лектори. Поголемиот дел доставија информација дека немаат вработено лектор, но охрабруачки е дека поголемиот дел прават измена на своите систематизации“, додаде директорката Андреева.
Утре владата ќе го соопшти името на новиот претседател на Советот за македонски јазик, откако претходниот месец професорката Симона Груевска си даде неотповиклива оствка од оваа позиција, без конкретно да ги образложи причините за нејзиното заминување. Нејзината оставка денека не сакаше да ја коментира ниту министерот Зоран Љутков.
„Нема да ги коментирам, тоа се лични причини на претходната претседателка“, изјави министерот Љутков.


