Народната банка ги потсетува младите истражувачи дека е отворен Конкурсот за Годишната награда за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството за 2026 година. Наградата има за цел да го поттикне развојот на научната мисла и изработката на квалитетни истражувачки трудови во овие области, како и да ги афирмира младите стручни кадри.

Право на учество имаат државјаните на Република Северна Македонија до 35-годишна возраст. Трудовите треба да содржат осврт на македонската економија и да не надминуваат 80.000 карактери, со препорачана стандардна научна структура. Може да се конкурира и со веќе објавени трудови, но не пред 1 јануари 2024 година.

Пријавувањето се врши електронски, на е-адресата: konkurs@nbrm.mk, во ворд-формат, со назнака „За Годишната награда на Народната банка“. Авторите доставуваат и кратка биографија. Сите трудови се третираат како доверливи материјали.

Еден автор може да поднесе само еден труд, на македонски, албански или на англиски јазик.

Трудовите ќе се вреднуваат според повеќе критериуми, вклучително и според релевантноста на темата, квалитетот на анализата, методолошкиот пристап и јасноста на заклучоците.

Крајниот рок за доставување е 1 февруари 2026 година. Годишната награда за прворангиранот труд изнесува 130.000 денари, додека за второрангираниот е 65.000 денари.

Конкурсот е достапен на веб-страницата на Народната банка на следнава врска: https://www.nbrm.mk/ns-newsarticle-soopstenie-17062025-2.nspx.

Exit mobile version