Во среда православните верници го одбележуваат Преображение Господово, еден од 12-те најголеми Христови празници кој секоја година се празнува на 19 август.

Според народната традиција, овој празник означува пресвртна точка во годината кога природата почнува да се менува, а со тоа завршуваат и најголемите летни жеги.

Народните верувања велат дека на овој ден настанува промена во природата – „се преобразуваат и листот во гората и каменот во водата“, а според старите, со овој празник завршува летото. Исто така, постои верување дека во текот на ноќта небото се преобразува три пати.

Меѓу народните обичаи, се верува дека на овој ден не треба да се спие преку ден за да не се биде поспан во текот на целата година. Исто така, се смета дека не треба да се плаче ниту пак денот да се минува во крчма.

Во сите православни храмови на овој ден се осветува новото грозје како знак на благодарност за плодовите, а во регионите каде што нема грозје, се осветува друго овошје.

Празникот е посветен на моментот кога Христос се преобразил на планината Тавор пред своите апостоли и светнал како сончева светлина, по што се јавиле пророците Мојсеј и Илија.

Во однос на временските услови, традицијата вели дека од Преображение исчезнуваат екстремните горештини, а во минатото се сметало дека ова е последниот ден за капење во реките.

Преображение паѓа за време на Богородичниот (Успенски) пост, кога црковните правила дозволуваат консумирање риба.

Exit mobile version