Во Србија се повлекуваат вакцините бесеже на „Торлак“, инспекција го контролира Институтот

 

Вакцината бесеже на „Торлак“, која се користи против туберкулоза и им се дава на бебињата веднаш по раѓањето, се повлекува од пазарот, односно од родилиштето каде што ги примаат бебињата, пренесува „Евроњуз Србија“. Според написите, се повлекува комплетната серија од вакцините бидејќи е утврдено дека нема доволна активност.

„На ‘Торлак’ пред некој ден имаше инспекција, сега е наредено да се повлече серијата што излезе на пазарот бидејќи нема доволно активност, нема ништо штетно во неа, но децата не се доволно заштитени. Вработените упорно се обидуваат да ја направат вакцината бесеже, но овде проблемот не е всушност до луѓето, туку до опремата што е застарена“, изјавил за „Евроњуз Србија“ еден од вработените, кој работи на производство на вакцини на „Торлак“.

Тој објаснува дека со години не се инвестирало во опрема и дека „лиофилизаторот“, кој се користи во производството на вакцините бесеже, е застарен и не работи како што треба.

„Пластично да се објасни, тоа е уред што треба да ја претвори вакцината од течна состојба во желатин. Тој уред не работи добро, достигнува многу повисока температура отколку што треба и потоа вакцината ја губи својата активност“, појаснил изворот додавајќи дека се верува оти причината за овој проблем не е човечки фактор.

Серијата што се повлекува, како што стои во извештаите, беше произведена во декември, а во јануари се појави во породилиштата.

22.03.2023 - 23:06

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега