Во прилепската касарна почнаа чествувањата за Карпалак

Со почит, поклон и цвеќиња пред спомен-обележјето во кругот на касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп, вечерва почнаа чествувањата на 19-годишнината од загинувањето на десетте бранители од Прилеп кај Карпалак.

Претставници на роднините, делегации на Армијата, на Владата, на Општината, на партии и здруженија положија цвеќиња и се поклонија на обележјето во касарната, во спомен на трагичниот настан кога на 8 август 2001-та на патот Скопје-Тетово, кај месноста Карпалак, армискиот конвој од Прилеп беше нападнат во заседа и загинаа десетте прилепски резервисти.

Според потполковник Ѓорѓи Василевски, командант на прилепскиот гарнизон, споменот останува за хероите кои се одзвале на повикот за одбраната на татковината.

-Се навршуваат 19 години од трагичниот и црн настан кој во неповрат ги однесе 10-мината наши соборци и херои. Во македонската историја има горди херои кои без двоумење се одзвале на повикот на одбрана на татковината. Богатството на тие луѓе е во нивниот дух и во вербата за слобода, но и во стремежот да се создаде подобро и попросперитетно утре на нашите деца и на сите идни генерации. И илинденците, и асномците, и бранителите се длабоко врежани во нашето опстојување и духот на нашето битие, рече Василевски.

И по 19 години, како што нагласи, не бледеат сеќавањата на Сашо, Нане, Бранко, Марко, Ердован, Љубе, Дарко, Веби, Горан, Пеце.

-Од Карпалак, се преселивте во вечноста. И никој нека не помислува дека овие луѓе застанаа таму каде загинаа. Се впишаа во бесмртноста. Ќе останат да сведочат дека слободата е многу скапа и затоа се брани секој ден и постојано, рече потполковник Василевски.

Непребол е за роднините, а за соборците и преживенаите останува желбата да им се направи споменикот на месноста Карпалак.

Ацо Јованоски, возачот на автобусот на воените резервисти, е непоколеблив секоја година да им оддаде почит на загинатите сограѓани. Останува желбата за споменик на Карпалак и на сите бранители да им се исполнат барањата и правата.

-И годинава настанот се одбележува достоинствено, чесно, со сите емоции. Ќе положам цвеќе, достоинствено ќе им се поклонам во името на сите бранители, во името на градот Прилеп. Пораката и желбата ми беше на тоа место, на месноста Карпалак, да се изгради споменик. Но, и утре ќе го оставиме цвеќето на банкината кај патот. Немаме одговор зошто нема споменик. Секоја година барањето е исто, а одговорот го нема.  Не знаеме што е: дали местоположбата или политиката. Инаку, повеќето барања се исполнија, дел останаа. Повеќето бранители останаа невработени. Може само да додадам, да не се повтори, рече Јованоски.

Во чест на загинатите бранители вечерва се посетија споменикот во селото Лениште и манастирот „Света Петка“ во ова село.

Изутрина делегации ќе се упатат на месноста Карпалак за да изразат почит за загинатите. Во Прилеп и околните населени места ќе се посетат вечните почивалишта на десеттемина загинати бранители, а во црквата „Света Петка“  ќе се одржи панихида во нивен спомен. На пладне е централното чествување пред споменикот Карпалак во центарот на Прилеп.

Владина делегација во Прилеп, оддаде почит на загинатите бранители на Карпалак. Во име на Владата, Драган Василевски,...

Posted by Влада на Република Северна Македонија on Friday, 7 August 2020

 

 

 

Добивајте вести на Viber

07.08.2020 - 20:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа