Во Јапонија починала жена откако примила вакцина на „Фајзер“

Јапонското Министерство за здравство објави дека една жена починала во 60-тата година од животот откако примила вакцина против коронавирус од „Фајзер“, а причината за нејзината смрт сè уште не е утврдена.

Жената починала од крварење во мозокот три дена по приемот на вакцината, соопшти министерството, додавајќи дека е можно двата настана да не се поврзани.

Таа се вакцинирала во петокот, а сомнежите се дека добила крварење во мозокот три дена подоцна. Станува збор за првата смрт во Јапонија, пријавена по вакцинација.

„Крварењето во мозокот, за кое постои сомневање дека е причина за смртта, не е толку ретко кај луѓето на возраст меѓу 40 и 60 години. Овој пат, врз основа на примери од странство, се чини дека нема поврзаност помеѓу крварењето во мозокот и вакцините против коронавирусот“, рекол Томохиро Морија, доктор кој е ангажиран и како стручен советник на владата.

„Можеби е случајност, треба да се соберат повеќе информации за работните групи да ја проценат ситуацијата“, велат здравствените власти.

Претставниците на „Фајзер“ во Јапонија не биле достапни за коментар. „Фајзер“ во ноември минатата година соопшти дека неговата вакцина е ефикасна кај сите возрасни и етнички групи и дека нема поголеми несакани ефекти, што е знак дека имунизацијата може да се спроведува ширум светот.

Здравствените власти насекаде низ светот го пофалија брзиот развој на безбедна и ефикасна вакцина, но ги предупредија луѓето со хронични здравствени проблеми прво да се консултираат со лекар, пред да се решат за имунизација.

Јапонија, како членка на Групата седум индустриски најразвиени земји во светот, ја започна својата програма за вакцинација на 17 февруари.

Досега има добиено три пратки вакцини од „Фајзер“ / „Бионтек“.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

02.03.2021 - 15:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега